Борбата против нелегалните онлајн обложувалници и казина продолжува. Министерството за дигитална трансформација доставило нов налог до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со кој се бара блокирање на дополнителни 104 веб-страници што нудат игри на среќа без соодветно законско одобрение.
Со последната мерка, бројот на веб-страници опфатени со досегашните налози за блокирање се искачи на 462.
Од Министерството посочуваат дека целта е да се спречи пристапот до нелегалните платформи и да се намалат ризиците за корисниците, особено во однос на злоупотребата на лични и банкарски податоци. Како една од главните причини за ваквите активности ја наведуваат и заштитата на малолетниците од изложеност на онлајн коцкање.
АЕК има рок од пет дена да го достави налогот до операторите на електронски комуникациски мрежи, кои потоа треба да го ограничат пристапот до наведените страници и да ги информираат корисниците за причината поради која тие се недостапни.
Од МДТ воедно упатуваат апел до граѓаните да не оставаат лични и финансиски податоци на непроверени интернет-платформи, а родителите да внимаваат на онлајн активностите на своите деца.

