Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ја повика Европската комисија да побара од официјална Софија да престане со, како што велат, политичките провокации и Ива Михајлова без одлагање да им биде предадена на македонските правосудни органи.
Од Платформата оценуваат дека последните настани дополнително ги влошуваат односите со Бугарија и предупредуваат дека во Македонија расте притисокот за преиспитување на Договорот за добрососедство.
Во реакцијата се наведува и дека Владата треба да одговори дали на средбата Муцунски–Петрова во Софија било разговарано за случајот со Михајлова и нејзиното заминување од Македонија.
Платформата го поврзува случајот и со можни политички последици во земјава и бара одговорност од институциите.
Од таму побараа оставки од министрите за внатрешни работи, за надворешни работи и за правда.
Ива Михајлова е бугарска државјанка инволвирана во сообраќајна несреќа со смртен исход, а случајот повторно предизвика политички реакции откако беше објавено дека ја напуштила земјава и покрај одземените пасоши.

