Охриѓанецот Александар Косаркоски го освои главниот турнир на престижниот Malta Poker Festival, одржан во казиното Портомасо на Малта, освојувајќи награда од 138.000 евра и шампионскиот трофеј.
Косаркоски триумфираше во силна меѓународна конкуренција, на турнир со награден фонд од над еден милион евра. Во завршницата, кога останале петмина натпреварувачи, бил постигнат договор за поделба на преостанатиот награден фонд, при што дополнителни 40.000 евра биле резервирани за победникот.
Македонскиот претставник успеал да стигне до самиот врв и да ја освои главната награда, со што оствари еден од позначајните резултати за македонскиот покер на меѓународната сцена.
Од Покер клубот „Стрела“ му честитаа на Косаркоски за успехот, истакнувајќи дека неговата игра, смиреност и шампионски карактер биле пресудни за триумфот.
За успехот на охриѓанецот информираше и Македонската покер федерација, која победата ја оцени како голем резултат за македонските натпреварувачи.

