Системот „Сејф сити“ ќе се проширува и со мобилни камери поставени во полициските возила, вклучително и во цивилните. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека голем број возила на МВР ќе бидат опремени со уреди што автоматски ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, пред сè пречекорување на дозволената брзина.
Според Тошковски, целта е да се спречи практиката возачите да ги почитуваат правилата само на местата каде што знаат дека има поставени камери, а на останатите делови од патиштата да возат со несоодветна брзина.
„Сега ги научивме камерите каде се и знаеме дека каде што има камера возиме така како што треба, а каде што нема камера повторно имаме поинаков тип на управување со моторно возило. Во иднина голем број од полициските возила, вклучително и цивилните, ќе бидат опремени со уреди со кои ќе може да се констатираат неколку прекршоци“, најави Тошковски.
Тој појасни дека прекршоците регистрирани од полициските возила директно ќе се внесуваат во електронскиот систем.
„Возачите повеќе нема да можат да претпостават каде ќе бидат полициските возила, а тие ќе можат да констатираат прекршок кој директно ќе биде внесен во дигиталниот систем“, рече министерот.
Тошковски засега не откри колку полициски возила ќе бидат опремени со новите уреди, ниту кога ќе започне нивната примена, но најави дека мобилната контрола треба да придонесе за поголема дисциплина и безбедност во сообраќајот и на патиштата каде што нема фиксни камери.

