Грчката полиција синоќа во центарот на Солун го уапсила 43-годишниот маж по кого македонските власти имаа издадено меѓународна потерница преку Интерпол за сторено кривично дело тешка кражба, пренесе МИА.
Апсењето го извршиле полициски службеници од Одделението за сузбивање и расчистување кривични дела за време на редовни контролни активности во градот.
Според грчката полиција, полицајците од Одделението за сузбивање и расчистување кривични дела, вчера во вечерните часови, во центарот на Солун уапсиле „43-годишен странски државјанин, по кого била распишана меѓународна потерница од Интерпол – Северна Македонија, поради кривично дело тешка кражба, согласно одредбите од Кривичниот законик на наведената земја“.
Акцијата била спроведена во рамки на секојдневните патроли на солунската полиција за спречување на криминалот и откривање лица кои се бараат со потерници.
Уапсеното лице во текот на денот треба да биде изведено пред надлежните грчки правосудни органи, со што ќе започнат законските процедури за негова екстрадиција во нашата земја.

