Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030 претставува значаен стратегиски документ што го препознава придонесот на образованието во создавањето сообраќајна култура и долгорочното унапредување на безбедноста, истакна министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, на промоцијата на новата стратегија.
Таа потенцираше дека едукацијата игра клучна улога како превентивен механизам за младите учесници во сообраќајот.
„Образованието е еден од најмоќните превентивни механизми. Знаењата, ставовите и навиките што придонесуваат за безбедно учество во сообраќајот треба да се развиваат од најрана возраст, почнувајќи од предучилишното воспитание и продолжувајќи низ сите нивоа на образовниот процес. Темите за безбедноста во сообраќајот се интегрирани во воспитно-образовната работа, преку наставни и воннаставни активности, како и кампањи во соработка со Министерството за внатрешни работи, со стручни организации и со единиците на локалната самоуправа“, посочи Јаневска, додавајќи дека податоците за сообраќајните незгоди укажуваат на потреба од уште покоординиран пристап.
Министерството за образование и наука, во соработка со Бирото за развој на образованието, ќе работи на дополнително унапредување на образовните содржини со кои учениците ќе стекнуваат практични знаења, ќе ги препознаваат ризиците и ќе развиваат навики за одговорно однесување и употреба на заштитна опрема.
Јаневска нагласи дека дел од активностите ќе бидат насочени кон јакнење на компетенциите на наставниот кадар и обезбедување соодветни едукативни материјали, бидејќи успешната едукација бара подготвени наставници и современи ресурси.
Воедно, таа ја поддржа идејата за јакнење на безбедносните зони околу училиштата, парковите и центрите на населбите преку партнерства со општините и граѓанскиот сектор.
„Создавањето побезбедна средина околу местата каде што престојуваат децата е заедничка обврска на сите институции и на целата заедница. Подеднакво важно е младите да стекнат основни знаења и вештини за соодветно постапување во првите критични минути по сообраќајна незгода, во соработка со Црвениот крст и со здравствените институции“, рече министерката.
На крајот, Јаневска ги охрабри сите засегнати страни да градат трајна култура на безбедност како одговор на сообраќајните ризици, подвлекувајќи дека успехот на Стратегијата зависи од заедничкото и координирано делување.

