Северна Македонија активно се вклучи во новиот План за раст за Западен Балкан и ги засили напорите за реализација на четирите столба на планот: постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, суштински реформи и зголемена финансиска поддршка, се наведува во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјава.
Во документот се истакнува дека клучните реформи поврзани со Унијата мора да се спроведат, при што е нотирана целосна усогласеност со надворешната политика на ЕУ.
Северна Македонија ја задржа целокупната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската воена агресија врз Украина, со што испрати силен сигнал за својот стратешки избор за пристапување кон ЕУ и се покажа како доверлив партнер – стои во извештајот.
Европската комисија забележува дека земјава работи на критериумите за отворање на Кластерот 1, но потенцира дека нема напредок во однос на усвојувањето на уставните измени утврдени со Заклучоците на Советот од 2022 година. Во делот на регионалните односи се потсетува на доследно спроведување на договорените обврски.
Постоечките билатерални договори со соседните земји треба да бидат спроведени со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор со Грција, како и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија – стои во документот.
Во однос на внатрешните реформи, се наведува дека владината коалиција е стабилна и дека има умерен напредок во јавната администрација и дигитализацијата. Во правосудството и основните права напредокот е оценет како ограничен, додека во борбата против корупцијата не е забележан никаков чекор напред.
С. Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и нема постигнато напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. Корупцијата и понатаму е распространета и претставува прашање од сериозна загриженост. Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година во однос на кривичните дела злоупотреба на службената положба и криминално здружување не ги решаваат соодветно штетните ефекти од измените од 2023 година и придонесоа за правна несигурност – се вели во извештајот.
Документот дополнително предупредува дека случаите на корупција на високо ниво често застаруваат, што придонесува за перцепција на неказнивост. Извештајот за земјава е дел од Пакетот за проширување за 2026 година што го претставува еврокомесарката Марта Кос пред Европскиот парламент.

