Од понеделник, 9 ноември, започнуваат значајни промени во банкарскиот платен промет во Македонија. Се воведуваат нови формати на трансакциските сметки, нови платни налози и нови шифри за плаќање, согласно меѓународниот стандард ISO 20022. Промените се однесуваат на целиот банкарски систем, а не само на една банка, но за граѓаните начинот на плаќање во најголем дел останува ист.
Најважната новина е воведувањето на меѓународниот ИБАН формат и за домашните денарски трансакции. Тоа значи дека пред постојниот 15-цифрен број на трансакциската сметка ќе се додава ознаката MK07. Граѓаните нема да мора да отвораат нови сметки, ниту да ги менуваат постојните, бидејќи станува збор само за промена на форматот во кој се прикажува и користи бројот на сметката.
За оние што користат електронско или мобилно банкарство, суштински промени во начинот на префрлање пари не се очекуваат. Банките автоматски ќе ги приспособат своите системи на новиот формат, па корисниците и понатаму ќе можат да префрлаат пари на други сметки, да плаќаат сметки и да вршат други трансакции преку мобилните апликации. Во зависност од банката, можно е да се појават поинакви полиња или дополнителен избор на шифра за намената на плаќањето. Промените не се однесуваат на начинот на плаќање со картички при купување преку интернет.
Поголеми визуелни промени ќе има кај платните налози што се пополнуваат на шалтер. Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 се заменуваат со нови, стандардизирани налози. На пример, ПП30 за префрлање пари станува кредитен трансфер во денари, со ознака КТД, додека за плаќање кон буџетските корисници ќе се користи налог со ознака КТБ. Се менуваат и досегашните нумерички шифри за целта на плаќањето, кои ќе бидат заменети со комбинации од четири латинични знаци.
Измените важат за сите учесници во домашниот платен промет. Повеќе банки, меѓу кои Комерцијална, НЛБ, Халкбанк, Шпаркасе и ПроКредит, веќе најавија примена од 9 ноември, а техничките приспособувања и конкретните упатства за клиентите може да се разликуваат од банка до банка.
Од Македонската банкарска асоцијација уверуваат дека постојните платежни сметки остануваат непроменети и дека банките ќе ги направат потребните приспособувања во електронското и мобилното банкарство. За граѓаните тоа значи дека нема потреба од отворање нови сметки, а при плаќање треба да ги следат новите упатства на својата банка. Целта на реформата е поедноставена и поефикасна обработка на трансакциите и усогласување на домашниот платен промет со меѓународните стандарди.

