Компаниите во земјава добиваат нова дигитална алатка базирана на вештачка интелигенција, која треба да им помогне во секојдневното работење и да го намали времето потребно за административни, сметководствени и правни задачи. Станува збор за „RALF AI“, нов дигитален консултант кој денеска беше промовиран во Стопанската комора.
Алатката е развиена од „Рафајловски консалтинг“, а според најавите на нејзините креатори, може да го скрати работното време на компаниите за околу 50 проценти. Ќе биде достапна 24 часа дневно, на македонски и албански јазик.
Преку „RALF AI“ корисниците ќе можат да изготвуваат завршни сметки и даночни пријави, да анализираат финансиски резултати, да пребаруваат и толкуваат закони и договори, како и да добиваат стручна помош во повеќе деловни области.
Алатката е наменета за сметководители, правници, адвокати, административни работници и други професионалци. Нејзината цел не е да ги замени вработените, туку да им овозможи побрзо и поефикасно извршување на обврските.
Сопственикот на „Рафајловски консалтинг“, Горан Рафајловски, посочи дека и покрај можностите што ги нуди вештачката интелигенција, неопходна ќе биде човечка контрола на добиените резултати. Тој нагласи и дека платформата е дизајнирана со заштита на личните податоци.
На промоцијата се обрати и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој истакна дека компаниите мора да ги следат технолошките промени и да ги применуваат новите решенија за да останат конкурентни.
„RALF AI“ опфаќа консултации во областа на правото, финансиите, сметководството, банкарството, осигурувањето и администрацијата, а овозможува и анализа на финансиски биланси, пресметка на даночни обврски и подготовка на стручни мислења.

