Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција го отвори прашањето за потеклото на средствата за изградба на станбена зграда во скопската населба Влае, каде што како инвеститор се посочува Афродита Муслиу, сопруга на поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.

Манасиевски изнесе низа прашања за тоа како со државна плата се финансира ваков градежен проект и дали во инвестицијата има и други деловни партнери.
„Тука се поставува прашањето на кое јавноста заслужува одговори, а тоа е како со административна плата се стигнува до инвеститор на станбена зграда? Од каде се парите за оваа инвестиција? Дали семејните приходи на Муслиу можат да ја оправдаат вредноста на ваков градеж проект? Дали зад оваа инвестиција стојат и други финансиски партнери?“, изјави Манасиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ упатија директни прашања и до поранешниот претседател Стево Пендаровски за тоа дали има финансиска или деловна поврзаност со објектот во Влае, потсетувајќи дека тој го назначил Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање во 2019 година.
„Токму Пендаровски го назначи Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање во 2019 година. Затоа директно прашуваме, дали е точно дека Стево Пендаровски и Еролд Муслиу, покрај политичката и институционална соработка која ја имаат, имаат и заеднички деловни интереси? Дали Пендаровски има каква било финансиска или деловна поврзаност со оваа инвестиција во Влае?“, рече тој.

Манасиевски исто така потсети дека сопругата на Муслиу во 2024 година добила грант од 620 илјади евра од претходната Влада на СДСМ преку меморандум со конзорциум на невладини организации.
„Додека Филипче говори за некаква организирана криминална група, групата криминалци е токму во СДС. Очекуваме јасни одговори од Муслиу и од Пендаровски, за тоа дали се партнери во оваа изградба на станбен објект, и секако, како со административна плата се гради зграда за која треба да се инвестираат милионски суми“, заклучи Манасиевски.

