Две безживотни тела се пронајдени во и покрај опожарен автомобил на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село во Богданци, а полицијата и обвинителството преземаат мерки за расчистување на случајот.
Едното од лицата е идентификувано како 21-годишниот В.Г. од Богданци, додека идентитетот на второто пронајдено лице сè уште се утврдува.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 3 ноември во 18:40 часот, кога жителот Т.К. од Богданци пријавил дека забележал опожарено паркирано возило и тело во негова непосредна близина.
Полициски службеници од Гевгелија веднаш излегле на терен, каде го пронашле В.Г. без знаци на живот, по што екипа на Итната медицинска помош од Општата болница во Гевгелија констатирала смрт. Откако противпожарните екипи го локализирале пожарот, во внатрешноста на возилото било откриено и второто безживотно тело.
За настанот е известен дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, кој извршил увид на местото на настанот.
По наредба на обвинителот, телата се предадени на обдукција за точно утврдување на идентитетот и причините за смртта, додека надлежните органи работат на целосно утврдување на сите околности.

