СДСМ ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за одговорност во случајот со Алта банка, оценувајќи дека нивните одлуки довеле до проблемите со кои сега се соочуваат штедачите.
Од партијата тврдат дека граѓаните не можат слободно да располагаат со своите заштеди, а особено погодени биле лицата кои примаат социјална помош и кои, како што наведуваат, не можат да ги подигнат средствата за секојдневните потреби.
Според СДСМ, експозитурите не работат, на банкоматите има долги редици, додека на компаниите им било овозможено да вршат трансакции и да префрлаат пари.
Од партијата потсетуваат дека уште пред 11 месеци предупредувале за, како што велат, сомнителниот капитал на банката. Тие тврдат дека Владата го овозможила влезот на Алта банка во земјава, а гувернерот Славески дал согласност за преземањето на Стопанска банка Битола.
СДСМ упатува обвинувања и за наводна поврзаност на банката со структури во Србија и бара утврдување на одговорност за случајот.
Од партијата побараа оставка од гувернерот Трајко Славески, како и отворање истрага од страна на Јавното обвинителство и кривично гонење на сите за кои ќе се утврди поврзаност со случајот.

