Владата донесе одлука за санација на штетите од поплавите во тетовско

 

 

Отпочнување со постапката за санација на штетите од поплавите во тетовскиот регион од невремето на 5 јуни, е одлуката на Владата на РМ која вечерва беше донесена во рамките на третата седница по информацијата на комисиите од вчерашната состојба на терен.

Како што соопштија од владината прес-служба, формирани се комисии од страна на министерствата за транспорт и врски, за земјоделство шумарство и водостопанство и за животна средина, коишто во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување и општината Тетово во изминатото денонокие веќе ги констатирале состојбите на теренот, по што е свикана вечерашната владина седница за побрзо да се интервенира и да се помогне на луѓето кои се засегнати од последиците од временските неприлики. 

-На седницата вечерва, информирано е дека постои нанос од песок и земја од околу 70.000 метри кубни, на регионалниот пат Тетово – Јажинце, кај Порој, што е неопходно брзо да биде исчистен. За таа цел задолжени се Дирекцијата за заштита и спасување и општината Тетово веднаш да отпочнат постапка за расчистување на наносот на овој фрекфентен и потребен пат за жителите од овој регион, во што Владата препорача да помогне и АРМ, се наведува во соопштението.

На седницата било информирано дека од поплавите во тетовскиот регион зафатени се 50 хектари земјоделски површини, пред се овошни и градинарски насади и житни култури.

-Владата го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја отпочне постапката на прибирање барања од земјоделците за надомест на штети, по што надлежни комисии ќе излезат на терен за увид на штетите и висината на средствата потребна за нивно обештетување, стои во соопоштението од третата седница на Владата на РМ.

 

 

 

07.06.2017 - 21:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега