Тепај го ближниот свој - ако не знаеш да го љубиш

Се сеќавате ли на насловите низ медиумите: 'Син прободел татко", Мајка си го фрлила детето низ прозор", "Тепачка на двајца брајќа завршила трагично"... И многу други... Како да ни станаа секојдневие?!

Има една народна и вика "Кој се сака, тој и се тепа". Можеби и тоа е точно, но тоа е од страст, од љубов и неразбирање - во момент - (правниците би рекле во афект). Но тоа се љубовни драми, знаат да завршат во "заборавена љубов", во брачен пекол или во сопружништво. Но тоа не е предмет на оваа колумна!

Предмет е насилство внатре во семејството, и во заедницата во целост. Предмет е континуираното зреење на нетрпеливост. Во суштина е заситеност од сопствените неуспеси за чија "причина" е ближниот твој. Оној кој можеби знае како да те оттргне од проблемот и да ти ја намали болката. Ама како тоа да го стори суштество кое наспрема тебе е инфериорно? Некој што не носи плата, што не разбира политика, што не го бива за ништо!!! А згора на тоа имал и право на сопствено мислење?!

А, ако тој, проблем свој, а ближен твој, е помалечок, и нејак, а е лице со хендикеп???

Е тогаш е лесно. И така тој не видел ништо полесно. Сите наши фрустрации и неуспеси добиваат олицетворение во некој кој живее со нас, ама некаде во твјот ум седи на обвинителна клупа. И недостига само уште два збора, еден чекор, пола пцовка... И полека стануваме насилници, сметајќи се за заштитници.

Можеби е тоа ефект на непризнаена улога на заштитник, хранител? Или некој што ги врви сите патила за нивно добро?? Можеби едноставно е т.н. ментална состојба на бродоломците во ограничен простор???

Во пракса, а и во самите теории, ретко можете да наидете на отворени дискусии. Самото насилството врз основа на хендикеп, вклучува и различни видови на однесување и насилство, како и сексуално и семејното насилство каде жртвата е лице со хендикеп и е поврзано со злоупотреба, занемарување, употреба на ограничувања или рестриктивни практики, како и институционално насилство (ригиден режими, неетички или неовластено практики согласно потребата лицата со хендикеп, како и прекршување на професионалните граници од страна на вработените). Криминалот од омраза пак кон лицата со хендикеп е засега последна препознаена форма, што произлегува од нетолеранцијата кон лицата со хендикеп или предрасудите кон лицата со хендикеп. На ова дело може да се гледа и како политичка општествена крајност на аблеизмот, каде се преземаат различни криминални дејствија против лицата со хендикеп. Овој феномен, може да се јави во различни форми од вербални навреди до недолични однесувања, вандализам напади па дури и системски убиства.

Што и да е, нема оправдување.

Ама има уште нешто што нема никакво оправдување - молчењето.

Не дека не е важно да се поткрепи што она го тврдиш (демек - хипотезата). Сметам дека е поважно што се отвора темата! Секоја нечовечност што го следи развојот на човештвото мора да се затскрие, да се премолчи - да се претвори во табу тема. Никој не сака да зборува за ѓаволот во себе. Ама оваа колумна сака да открие, да не молчи, да ја отвори таа тема, и да го разобличи ѓаволот.

Нешто слично на онаа заборавена бајка од Андерсен за мајката и лошото џуџе Рамплстински, кое сака да и го одземе нејзинот бебе. Сите негови зли моќи завршуваат ако успееш да му го изговориш неговото име. Тогаш злото се претвора во безопасна грдотија. Невредна ни за потсмев...

Оваа колумна има за цел да проговори за името на злото. Не кажува сe. Не знае сe. Нема формула. Ама ни остава сe. Останува на нашите мозоци да сфатиме и да му ја "плесниме" вистината. Да му го изговориме името в' очи, колку и да е тоа смешно чудовиште вкоренето длабоко во нас.

Се извинувам на сите оние што се препознаа во текстот

Звонко Шаврески

Полио Плус

 

-движење против хендикеп-

 
 
03.12.2015 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега