Прекината седницата на Советот на Град Скопје за дивоградбите во Чаир

 

Советот на Град Скопје денеска требаше да ја одржи 19-та вонредна седница, на која се очекуваше да се расправа за дивоградбите во општините Чаир и Сарај. Со оглед на тоа што поранешниот претседател на Советот, Трајко Славески е именуван за гувернер на Народната банка, според Деловникот, седницата требаше да ја води најстариот советник, Халиде Палоши од ДУИ. Но, поради нејзиното отсуство, по предлог на советничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со седницата претседаваше Никола Пановски.

На денешната седница се очекуваше Советот на Град Скопје да расправа за дивоградбите во општините Чаир и Сарај на две одделни вонредни седници - првата по иницијатива на советничката група на СДСМ, а втората на ВМРО-ДПМНЕ - седницата заврши уште пред да започне. Причината беше што мнозинството советници, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, не го изгласаа дневниот ред. На почетокот на седницата, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска зеде збор за продецурално обраќање, а дел од советниците сметаа дека тоа не е обраќање за процедурите и бараа да и се одземе зборот.

Иако беше изгласано дека има основа за одржување на вонредна седница по предлог на советниците на СДСМ за дивоградбите во Чаир, советниците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржаа дневниот ред. Со тоа, седницата беше прекината пред да почне расправата и покрај присуството на градоначалничката Данела Арсовска и директорите на јавните градски претпријатија.

Потоа, Арсовска  излезе на говорницата и повторно ги обвини за, како што рече, „криминали и фалсификати“ на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, што предизвика жестока расправија меѓу неа и советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа од Пановски да ѝ го одземе зборот.

По вербалниот конфликт и навредите, советникот Стефан Кирков го повлече предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за втората вонредна седница, посветена на дивоградбите во Сарај, со образложение дека граѓаните не заслужуваат да бидат сведоци на „циркусот“ што се случува во Советот на Град Скопје.

-Илузорно е, популистички и целосно провидно да се смета дека дивоградбите ќе ги реши една седница на советот на Град Скопје, ова е мегдан каде коалицијата на власт на СДСМ и Левица прават театар и циркус од работата во Градот Скопје. Четири години Данела Арсовска имаше време да реагира за сите дивоградби, сега во последниве четири месеци реши да прави популизам и театар кој ние не го прифаќаме, Дивоградбите не се случија последнава година, ниту ќе се решат за следните четири месеци. Но, има и такви во оваа сала кои се на власт 20 години со сите власти и молчат за дивоградбите. Има институции и тие институции треба да работат согласно законот. Да завршам и тоа е нашиот апел и затоа бидејќи не помина дневниот ред каде тука се сакаше да се прави спектакл и претстава за јавноста. Ние нема да учествуваме во политикантството, нагласи Кирков.

Љубица Јанчева, координатрока на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје во изјава за медиумите истакна дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ повлекле сопствена точка, само „за да ја спасат урбаната мафија“.

-Ако на некој досега не му беше кристално јасна криминалната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и привезокот од ЗНАМ, денес на седница на Советот на град Скопје тоа стана кристално јасно. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ денес ја повлекоа сопствената точка за дискусија од дневниот ред на Советот на град Скопје бидејќи доцна забележаа дека во нивната предложена точка имаат побарано дискусија за „дивоградби во општина Сарај и други општини во градот Скопје“. Откако сфатија дека советниците на седницата на Советот на град Скопје ќе имаат можност да дискутираат и за дивоградбите во Сарај но и во Чаир и другите општини, кренаа бунт за да ја спречат седницата која сами ја бараа. Што крие Мицкоски и кого штити Панче Тошкоски? Зошто свесно советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ влегуваат во одбрана на криминалци кога тие добиваат само трошки од матните зделки на Мицкоски, Ганиу и Меџити? До кога ВМРО-ДПМНЕ ќе владее со урбаната мафија во Скопје и во државата? Колку пари се доволни за да се задоволат апетитите на Мицкоски, Ганиу и Меџити и да се престане со ставање на животите на граѓаните во опасност?, потенцира Јанчева.

03.06.2025 - 17:34

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега