Иванов: Македонија е пример како НАТО не треба да се однесува со земја-кандидат

Македонија е школски пример како НАТО не треба да се однесува со земја-кандидат. Искуствата од 20 век покажаа дека не може да има стабилна Европа без стабилна Југоисточна Европа и дека не може да има стабилна Југоисточна Европа без стабилна Македонија. А долгорочната стабилност на Република Македонија ќе се цементира со нејзиното членство во клубот на демократски, просперитетни, европски и евроатлантски нации, истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешното предавање пред Атлантскиот клуб на Бугарија на тема „Македонија во НАТО: очекувањата од НАТО Самитот во Варшава“; пренесе МИА.

-  Целите и визиите на НАТО вредности и принципи, за жал, паднаа во вода на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008-та. Во случајот со интеграцијата на Република Македонија, НАТО покажа неодлучност, неединство, разногласие и неспособност да донесе стратегиски одлуки. Од тогаш, па наваму, другите центри на моќ во светот го тестираат НАТО преку случајот на Македонија. Во нашиот случај на виделина излегоа повеќето слаби точки на НАТО. Македонија е школски пример како НАТО не треба да се однесува со земја -кандидат. Но, што може да се научи од случајот со евроатлантските интеграции на Македонија? Има неколку лекции, порача претседателот Иванов.

На предавањето кое се одржа во седиштето на Европската комисија во Софија, на кое присуствуваа поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов и претставници на дипломатскиот кор, јави известувачот на МИА, тој подвлече дека со таа одлука НАТО стана заложник на партикуларни интереси на свои земји-членки, наместо на европската и евроатлантската безбедност. 

- Идната година нè очекува Самитот на НАТО во Варшава. Варшавскиот пакт се распушти. Студената војна заврши. Железната завеса падна. А, сепак, во Европа и натаму остана да стои еден неприроден ѕид, а тоа е блокадата на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија. Тој ѕид опстојува поради неодговорното однесување кај нашиот јужен сосед. Елитите кои до неодамна управуваа со Грција како да беа заглавени во времето на Студената војна и несвесни за новата балканска и европска реалност. Кога веќе беше извесно дека со распадот на Југославија, Република Македонија ќе тргне по својот самостоен пат, наместо да нè поддржат, тие го измислија проблемот со името за да нè блокираат. Нè нарекуваа закана за безбедноста и за стабилноста во Европа, иако од самиот почеток со сите наши средства посветено придонесувавме кон истата таа европска безбедност и стабилност, рече Иванов.

Според него, наместо решителност и единство, во Букурешт, НАТО демонстрираше слабост и неединство, а земјите-членки дозволија да бидат заведени од нашиот јужен сосед. 

- Криејќи се зад консензусот, Грција не само што го стави НАТО во една непријатна ситуација да брани неодбранливи позиции, туку и ја доведе во прашање стабилноста и безбедноста на нашиот регион. Од членките на Алијансата во секое време се очекува да бидат достојни и доследни на целите и принципите на Организацијата, не само реторички, туку и со дела. Тие со своето однесување даваат пример за идните членки. Каков пример даде нашиот јужен сосед? Тој покажа дека НАТО може да ги погази сопствените принципи за да исполни непринципиелни барања, оцени претседателот Иванов.

Втората лекција, нагласи, се двојните стандарди бидејќи, вели, со 16 завршени акциони плана за членство, Република Македонија има најпроверувана армија во историјата на НАТО, подготвена и за најсложените мисии и операции, а сепак не сме членка. Укажа и на непочитувањето на сопствените вредности и принципи.

НАТО, рече, како и Европската унија, се темели врз владеењето на правото и меѓународното право, и негова обврска е да се грижи за истото тоа право, а сепак, Алијансата не ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата, кој решавајќи во спорот за името пресуди дека блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО е нелегална и дека се прекршени меѓународно преземените обврски.

- Со години предупредувавме дека во случајот со Република Македонија се крши меѓународното право, но ретко кој нè слушаше. Денес цената што ја плаќа НАТО е повисока. Непочитувањето на врвните правни авторитети го суспендира владеењето на правото и остави простор за анархичност во меѓународните односи. Непочитувањето на пресудата им дава аргументи на оние кои го оспоруваат фактот дека НАТО е Алијанса што се темели на принципи, а не на гола, брутална сила, потенцира шефот на македонската држава..

Меѓу научените лекции ја издвои улогата на просторот и геостратегијата посочувајќи на денешната ситуацијата со Украина, Северна Африка и на Блискиот Исток кои создаваат круг на конфликти околу Европа. Се соочуваме со глобална закана од насилен екстремизам и од странски терористички борци, нагласи тој, а во вакви сложени услови, јужното крило на НАТО, подвлече, има клучна улога во чувањето на европската безбедност и сигурност. И токму јужното крило на НАТО е ранливо поради блокирањето на Македонија.

- Досегашното искуство покажа дека проширувањето го правело НАТО посилно, а не послабо. Но, исто така, историјата покажа дека проширувањето е подобро како алатка за превенција на конфликти, отколку како алатка за управување со кризи. Со самото тоа што не ја интегрира Македонија под својот безбедносен чадор, Алијансата прави стратегиска грешка и создава простор на помал отпор. Одлагајќи го проширувањето, НАТО си создава проблем на сопствената територија. Тој проблем е вакуум-просторот. Блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот, рече Иванов.

Тој притоа нагласи дека е оптимист, но оти искуството не учи дека Македонија нема да добуе покана за членство на претстојниот НАТО самит во Варшава. 

- Самитот на НАТО во Варшава е историска можност еднаш засекогаш да се сруши и последниот ѕид што ја дели Европа од самата Европа. Но, како што реков на почетокот, ако порано бевме ентузијасти со големи идеи, сега веќе сме оптимисти со многу искуство. А искуството ни зборува дека, за жал, во Варшава, Македонија најверојатно нема да стане членка на НАТО, рече Иванов. 

Тој воедно побара од Бугарија да ја поддржи евроатлантската интеграција на Македонија со посветеност кон иднината.

- Време е да отвориме ново поглавје на македонско-бугарските односи што ќе престане да биде оптоварувано од оние на кои Железната завеса сè уште им е во главата. Потребно е ново поглавје за европската иднина на младите Македонци и Бугари, за отворен и просперитетен Балкан. И македонскиот и бугарскиот проект за 21 век е составен дел од европскиот проект за 21 век. Време е да започнеме да работиме на содржината на овие проекти, наместо повторно да ги чешаме и копаме раните од заедничкото минато. Подготвени сме да го потпишеме Договорот за добрососедство втемелен врз Декларацијата за добрососедство од 1999 година. Но, верувам дека е клучна суштината, а не формата. Договорот ќе биде само мртво слово на хартија ако не го промениме односот, ако не сфатиме дека добрососедските односи се двонасочна улица, порача претседателот Иванов, пренесе МИА.

Предавањето на Иванов е во рамки на неговата работна посета на Бугарија. Тој утре ќе учествува на 6. Состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави“, што се одржува во Софија каде ќе се обрати на воведната сесија насловена „Што значи солидарноста во контекст на актуелните глобални предизвици“. За време на работната посета на Република Бугарија, предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со бугарскиот колега, Росен Плевнелиев. Македонскиот претседател ќе го посети и Културно - информативниот центар на Република Македонија во Софија.

 

 

Оцени ја веста

07.10.2015 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега