Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, објави отчет за извршените активности во првата година од новиот мандат, во кој се наведени над 10 километри реконструирани и нови патишта, над 3 километри мрежа за водовод и канализација и 220 нови паркиралишта.
За реализација на овие проекти од општинскиот буџет беа издвоени околу 164,5 милиони денари за активности во градот и околните населени места.
Во делот на сообраќајните решенија реализиран е булеварскиот влез во градот од страната на Прилеп, изградена е улицата „СТУ 3“ со 100 паркиралишта, проширен е паркинг просторот на „Браќа Џаферови“ за 25 возила и се обезбедени над 70 места на „СТУ 9“ во АРМ четврт 3.
Патната мрежа е обновена со нов асфалт на улиците „Леринска“, „Козара“, „11 Март“, „Панде Николов“ и „Панде Кајзеро“, додека на „Чеде Филиповски“ сè уште се работи. Улицата „Маркс и Енгелс“ доби целосно нова подземна и површинска инфраструктура.
Со нов асфалт се покриени и три краци од улицата „Даме Груев“ во Мал Париз, изградена е поврзувачката улица „СРУ 5“ меѓу „Партизанска“ и „Крушевска Република“, а се работи и на улицата „Дебарска“.
Инфраструктурните зафати опфатија и неколку сообраќајници во село Братиндол, Трн, Карамани, Раштани, доградба на патот кон Буково, како и пристапните патишта до црквата во Ротино и манастирот „Св. Меркуриј“ во Барешани.
Со цел зголемување на безбедноста на пешаците, општината постави и нови пешачки семафори на две фреквентни точки на Широк Сокак.

