ВМРО-ДПМНЕ на изборите во Брвеница настапи со визија, програма и проекти за развој на општина и за подобар живот на граѓаните, се вели во партиското соопштение објавено утрово.
„Една Брвеница за сите е повеќе од концепт во кој ние ја потенциравме силата на единството, соживот и меѓусебната почит, инфраструктурните инвестиции, подобрите услови за живот, додека противниците искористувајќи ја демографската состојба повикуваа на етничко гласање.
Нашите опоненти се обединија и сите заеднички наместо натпревар на идеи, изборната трка ја претворија во ринг на поделби по разни основи.“ – порачаа од партијата.
Оттаму ги обвинија останатите партии дека не дале поддршка, а критики упатија и кон коалицискиот партнер.
„ДУИ, СДС, Левица, за жал, и ВРЕДИ како тројански коњ од една страна, а ВМРО-ДПМНЕ од другата страна. Ние сами против сите, и благодарение на довербата која ни ја дадоа имаме значителен раст на бројот на гласовите кои, за жал, не беа доволни за Јованчо Радичевски да биде избран за градоначалник.
Од 3.000 гласа во првиот круг стигнавме до 4.200 гласа за ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг, додека споредено со парламентарните избори растот на гласови е 1.300.“ – се вели во соопштението
„СДС и политичката партија Левица во првиот круг овие предвремени локални избори целосно ги декласиравме, завршија на четврто и петто место, а како последна сламка за да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг се ставија во служба на ДУИ за одвлекување на гласови.
Тоа што предизвикува особена жал е што нашиот коалициски партнер, ВРЕДИ ја пропушти можноста во Брвеница да биде поразличен од ДУИ и да се издигне над етничкиот национализам, со што се покажа дека исто како и кандидатите на СДС и Левица беа тројански коњ во корист на ДУИ.
Но, после овие избори, уште од утре граѓаните и Македонци и Албанци ќе очекуваат проекти и развој, а не национализам, ќе очекуваат резултати, а не демагогија кој од која партија е или на која етничка заедница градоначалникот припаѓа.
Затоа, Брвеница нема да биде заборавена, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инвестира, да вложува и да гради за развој на општината и подобри услови за живот на граѓаните.“ – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ

