ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека правосудниот систем повторно не обезбедил одговорност за трагедијата во тетовската модуларна болница, во која загинаа 14 лица. Од партијата реагираат на ослободителната пресуда за поранешните директори на болницата, Артан Етеми и Флорин Бесими, оценувајќи дека со тоа се отвора прашањето за одговорноста на сите надлежни во случајот.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека претходно беше затворен и предметот за набавката на модуларните болници, во кој, според нив, не беше утврдена одговорност кај поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Партијата прашува како е можно за пожарот во кој животот го загубија 14 лица да нема соодветна кривична одговорност за најодговорните лица во тогашното раководство на болницата и Министерството за здравство.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека треба да се испита одговорноста на сите лица во синџирот на одлучување и управување, вклучително и на тогашниот министер Филипче, за кого велат дека воопшто не бил повикан на разговор.
Во реакцијата се поставува и прашањето дали политичките врски влијаат врз судските постапки и дали постои еднаков третман пред законот.
Од партијата порачуваат дека за 14-те загубени животи мора да има правда и одговорност и дека политичките врски не смеат да бидат над правосудниот систем.

