Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен за директна средба со рускиот лидер Владимир Путин во Турција, истакнувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да помогне во организацијата на разговорите. Во интервју за „Си-Ен-Ен Турк“, пренесено од „Киев пост“, Зеленски посочи дека преговорите на претседателско ниво се неопходни бидејќи досегашните контакти не донесоа прекин на војната.
„Подготвени сме за овој состанок во Турција. Знам дека претседателот Ердоган има свои врски со Путин. Затоа го поддржуваме одржувањето на состанокот во Турција“, рече Зеленски.
Според него, средбата лице в лице е потребна за да се решат прашањата кои останаа неодговорени во преговорите меѓу делегациите.
„Токму затоа сакам да се сретнам со него – како личност која донесува одлуки“, нагласи украинскиот претседател.
Како главни теми на евентуалниот состанок ги посочи прекинот на огнот, механизмите за следење на договорот, безбедносните гаранции, реконструкцијата на Украина и статусот на окупираните територии. Сепак, Зеленски ги отфрли барањата на Москва за предавање на Донбас или признавање на Крим како руска територија, оценејќи дека таквите отстапки го прекршуваат Уставот на Украина.
Во однос на меѓународните активности, Зеленски се осврна и на можноста за учество на самитот на лидерите на Г20 во Мајами во декември. Тој посочи дека сè уште нема официјална покана од Вашингтон, но постојат сигнали дека американскиот претседател Доналд Трамп може да упати покана во рамки на иницијативата за завршување на војната.
„Тие разговараа за можноста претседателот Трамп да нè покани на самитот на Г20 и можеби да предложи иницијатива за прекин на војната. Секако, ако Трамп испрати официјална покана, ние ќе ја прифатиме“, истакна Зеленски.

