Американскиот претседател Доналд Трамп ја предложи Кристи Меккормик за нова амбасадорка на САД во Македонија.
Но која е Меккормик?
Републиканка и политичка сојузничка на Трамп зад себе има кариера во која се неизбежни нејзините контроверзни ставови за изборниот процес во САД, како и односот кон руското мешање во американските избори.
Уште во 2014, Меккормик влегува во Американската изборна комисија, и тоа на предлог на тогашниот претседател Барак Обама, а била претседателка на оваа институција во три мандати – 2015-2016 година, 2019-2020 година и 2022-2023 година.
По првата изборна победа на Доналд Трамп на претседателските избори во 2016 година, Меккормик јавно ја оспорила проценката за странско мешање во изборниот процес. Таа објавила текст на веб-страницата на Комисијата, во кој тврдењето дека Русија се мешала во изборите во 2016 година го опишала како измамничка пропаганда пласирана од страна на администрацијата на Барак Обама, која тогаш заминуваше од власт.
По победата на Трамп во 2016 година, Министерството за внатрешна безбедност на САД ја вклучило Американската изборна комисија во координацијата на активностите за заштита на изборниот систем од странско мешање.
Нил Џенкинс, тогашен функционер на Министерството за внатрешна безбедност изјавил дека соработката со раководството на Комисијата била тешка, а особено непродуктивна била комуникацијата со Меккормик. Според неговата изјава, таа ретко присуствувала на состаноците и брифинзите на кои членовите на Комисијата се информирале за растечката закана од руско мешање.
Во врска со ова прашање, Меккормик подоцна во 2019 година во изјава за „Вашингтон тајмс“ го променила ставот и рекла дека Русија всушност претставувала реална и постојана закана за претседателските избори во САД во 2016 година. Како причина за својата претходна позиција таа ги навела недостапноста на доверливи разузнавачки информации и неизвесноста околу првичните процени.
Во 2017 година, Трамп ја назначил за членка на својата Претседателска советодавна комисија за изборен интегритет, формирана по изборите во 2016 година, откако тврдеше дека имало бројни изборни измами. На првиот состанок, Меккормик тврдела дека лично набљудувала изборни измами, без да даде конкретни детали.
Една од најсериозните критики кон работата на Меккормик се однесува на нејзините јавни настапи и контакти со конзервативни организации. Еден од поновите случаи е од октомври 2025 година, кога таа учествувала на панел организиран од Институтот за политика „Америка на прво место“ – организација блиска до политичкото движење на Доналд Трамп. За време на дискусијата таа изјавила дека Демократската партија се противи на построги изборни правила затоа што ѝ се потребни гласовите на мигрантите, односно на лицата кои не се државјани на САД, за да може да победува на американските избори.
По нејзините изјави за демократите, била поднесена претставка за да се испита дали Кристи Меккормик го прекршила законот кој ограничува партиска и политичка активност на федералните службеници.

