Засилени инспекциски контроли во продавниците низ Македонија во пресрет на „Црн петок“. Државниот пазарен инспекторат најави вонредни надзори за да спречи лажни попусти, вештачко зголемување на цените пред нивното намалување и рекламирање што ги доведува потрошувачите во заблуда.
Посебно ќе се контролираат продавниците за бела техника, електроника, мобилни телефони, облека, обувки и мебел, каде што традиционално се нудат големи попусти.
Инспекторите ќе проверуваат дали намалувањата се реални, дали цените се правилно означени и дали купувачите добиваат точни информации за условите на продажба. За утврдените неправилности ќе следуваат законски мерки, а граѓаните кои ќе забележат лажни попусти или други прекршувања можат да ги пријават на бесплатниот телефонски број 191 или преку веб-страницата на Пазарниот инспекторат.

