Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, која претседава со Надзорната расправа за случајот со Алта банка, денеска изјави ниту едно од лицата на списокот на поканети сведоци сè уште нема потврдено присуство. Дополнително, дел од нив како што појасни Лукаревска, по вторпат се на службен пат токму во периодот кога треба да се одржи расправата, додавајќи дека на утрешната расправа ќе присуствуваат само дел од претставници од институциите.
„Сите коишто се дел од списокот и коишто треба да присуствуваат утре немаат потврдено присуство, а дел од нив по вторпат се на службен пат токму на одржување на надзорната расправа. Така што утрешниот состав на сведоци ќе биде дел од институциите“, рече Лукаревска.
Лукаревска информираше дека на расправата се поканети и претставници на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка, но дека утрешната седница нема да ги исцрпи сите сведоци предложени од политичките партии.
„Исто така поканет е и дел од структурата на Алта банка во делот на менаџерскиот тим, управниот и надзорниот одбор“, рече Лукаревска.
Лукаревска потенцираше дека процесот ќе продолжи сè додека не бидат сослушани сите предложени сведоци.

