Груби и Николовски со заедничко соопштение: Заев вчера го бараше, но Пауновски не се јавуваше
Со усвоениот План за распределба на административните службеници преку Програмата К-5, којшто беше усвоен на 40-тата седница, Владата најде решение за еден сериозен децениски проблем за кој реагираа граѓаните, велат во заедничка изјава двајцата вицепремиери Љупчо Николовски и Артан Груби.
Според двајцата вицепремиери, вработените се распоредуваат во друга институција од јавен сектор на соодветно место на исто ниво, односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува.
-Овие лица се веќе вработени, за нив не се потребни дополнителни финансии, и согласно Планот, по распределбата во конкретните институции, нивната работа ќе биде оценувана според критериумите на мерит системот. Административните службеници кои се распоредуваат не се замена за редовните побарувања за кадри кои ги имаат институциите, како на пример, побарувањата што ги имаат инспекторатите. Побарувањата за нови вработувања одат низ засебна, целосно одвоена процедура врз која никако не влијаат овие распоредувања. Согласно тоа, Владата на 43-тата седница има донесено и одлука за 104 нови вработувања на инспектори во инспекторатите, при што ги има задолжено Министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за политички систем да ги одобрат годишните планови за вработување на инспекциските служби, а особено за Државниот пазарен инспекторат. Станува збор за нови вработувања кои никако не се поврзани со распределбата на веќе вработените според правична застапеност. Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок, се вели во дописот.
Груби и Николовски велат дека не требало да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри.
-За секое несогласување околу владини одлуки постоеле и постојат јасни механизми истото да се оствари низ институциите преку соодветната организациска поставеност, преку службени белешки, преку работни состаноци, на кои се аргументираат спроведувањето на политиките и одлуките во реализацијата на програмите на Владата. Воедно, ја известуваме јавноста дека премиерот Заев во текот на вчерашниот ден имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот. Со истапувањето од јасно утврдени канали за комуникација во рамките на владините институции експлицитно се прекршува членот 4 и членот 6 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата. Според членот 4 носителите на извршни функции ги вршат своите јавни овластувања и должности согласно Уставот, законот и другите прописи донесени врз основа на закон. Согласно членот 6 носителите на извршни функциите слободно и отворено ги изразуваат ставовите во врска со предложените политики, но солидарно ги поддржуваат владините политики и одлуки откако тие ќе бидат донесени, а во своите јавни настапи политиките ги презентираат во согласност со овој Кодекс. Според членот 10 од Законот за државен пазарен инспекторат, со работите на инспекторат со кој раководи директор кој го именува и разрешува Владата , а според член 14 од Законот за инспекциски надзор, со инспекторатот раководи директор на инспекторат, кој го именува и разрешува Влада во согласност со законот. Исто така, согласно член 6 од Закон за организација и работа на органите на државна управа самостојниот орган на државната управа, каков што е Државниот пазарен инспекторат, за својата работа одговара пред Владата, а во законот се предвидени постапки за непочитување на одлуки на Владата, меѓу кои и предлог за разрешување, се вели во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа