Со денешното усвојување на ребалансот на буџетот на Град Скопје се обезбедени средства за изградба на две целосно нови средни училишта – „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ во Драчево, општина Кисела Вода, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Според Ѓорѓиевски, двата нови објекти ќе се финансираат со сопствени средства на Град Скопје, со цел конечно да им се обезбедат соодветни услови за настава на учениците и наставниот кадар.
„Ниту едно дете не треба да ја гради својата иднина во услови што му го одземаат достоинството. Нашите ученици заслужуваат училишта во кои ќе влегуваат со радост, ќе учат со мотивација и ќе ги развиваат своите способности! Денес, со усвојувањето на ребалансот на буџетот на Град Скопје, обезбедуваме средства за изградба на две целосно нови средни училишта „Кочо Рацин“ во општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ во Драчево, општина Кисела Вода. Двете училишта ќе ги градиме со сопствени средства на Град Скопје!“, истакна Ѓорѓиевски.
Скопскиот градоначалник потенцираше дека ваквите капитални проекти се резултат на одговорното управување со финансите и заштедите од намалените непродуктивни расходи.
„За само една година ги намаливме непродуктивните расходи и работевме на подобра наплата на приходите. Резултатот е конкретен – заклучно со 30 септември 2026 година, реализиравме рекордни капитални инвестиции во висина од 1,1 милијарда денари! Споредено со истиот период од првите години од мандатите на претходните градоначалници, реализацијата е повисока за 67,56% во однос на 2018 година и за 35,27% во однос на 2022 година. И во последниот квартал продолжуваме со работа и внимателно следење на динамиката на реализација на проектите“, порача тој.
Ѓорѓиевски им се заблагодари на сите советници кои учествуваа во гласањето, нагласувајќи дека ребалансот отвора простор за поголеми инвестиции во инфраструктурата и поддршка на граѓаните.

