Град Скопје воведува нова мерка со која младите брачни парови до 40 години и самохраните родители кои сакаат да изградат сопствен дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на градот, односно 60% од вкупните комуналии за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Според него, оваа практика првично била воспоставена во Општина Кисела Вода, а сега се пренесува на ниво на Град Скопје со цел да им се олесни патот до сопствен дом на младите семејства.
„Со оваа мерка, младите брачни парови до 40 години и самохраните родители што сакаат да изградат свој дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје – односно 60% од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на градот. Доколку сите скопски општини се приклучат со ослободување и од својот дел, оваа поддршка ќе достигне 100% ослободување од комуналии! Ги повикувам сите мои колеги градоначалници да застанеме заедно зад оваа цел и да им го олесниме патот до сопствен дом на што повеќе семејства“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека помал финансиски товар при изградбата значи повеќе средства за уредување на домот и посигурен почеток на заедничкиот живот за младите.
„Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а барањето за аплицирање ќе биде достапно на веб-страницата на Град Скопје. Како што ветив, младите ќе имаат подадена рака од мене и од Град Скопје. Ќе ја имаат поддршката што им е потребна токму кога ги прават најважните животни чекори. Сакам младите тука да го градат својот дом, тука да ги растат своите деца и тука да ја гледаат својата иднина. Наша обврска е да создадеме услови за тоа!“, порача тој.

