Екипи на Итната медицинска помош утрово во неколку наврати интервенирале откако на граѓани кои чекале во долгите редици пред банката им се слошило

Од денеска започна исплатата на готовина на шалтерите за клиентите кои немаат платежни картички, откако Народната банка воведе привремена администрација во Алта банка. Граѓаните можат да подигнат најмногу 20.000 денари во период од две недели, но само доколку претходно добиле СМС-порака со термин за исплата.
Пред банката се собрале и голем број граѓани кои не добиле известување, меѓу кои и повозрасни лица кои не користат мобилни телефони. Дел од нив реагираат дека со денови се обидуваат да дојдат до своите пари, додека други бараат документи за да можат да отворат сметки во други банки.

Проблемите со Алта банка се прелеаја и врз локалната самоуправа. Опозицијата во Советот на Битола побара вонредна седница за да се утврди колку јавни претпријатија имаат сметки во банката и колку пари им се заробени поради ограничувањата на трансакциите. Градоначалникот Тони Коњановски објави дека пет јавни претпријатија имаат сметки во Алта банка, на кои вкупно располагаат со околу 144.000 евра, но уверува дека нивното функционирање не е загрозено.

Од Народната банка претходно информираа дека банката продолжува со работа, а привремената администрација е воведена за да се заштитат средствата на штедачите и другите доверители. Од утре филијалата во Битола ќе работи во две смени, вклучително и во сабота, со цел да се намалат метежите и да се опслужат повеќе клиенти.

