Првиот пациент што ја прими руската персонализирана mRNA вакцина против рак успешно ја заврши терапијата и повеќе нема метастази од меланом, соопшти професорот д-р Сергеј Бољевиќ, раководител на одделот на Универзитетот „Сеченов“ во Москва. Сепак, тој нагласи дека ќе бидат потребни уште три до пет години медицинско следење за да се потврди долгорочниот успех на третманот.
Во интервју за РТВ, Бољевиќ оцени дека ова претставува значаен напредок во третманот на малигните заболувања, но повика на претпазливост.
„Навистина направивме нешто, не за да се фалиме, но направивме голема работа. Успеавме да го излечиме првиот пациент од рак. Можете да излечите пациент на разни други начини, но тој може повторно да добие метастази. Станува збор за пациент кој ја примил вакцината против меланом на 1 април оваа година, која навистина ги отстранила сите негови метастази. Клинички, тој сега е целосно излечен. Мора да почекаме уште три до пет години за да видиме дали ќе има метастази, рецидиви и така натаму“, рече Бољевиќ.
Според него, пациентот од Курск примил вкупно десет дози од вакцината, а по четвртата доза била забележана изразена реакција на терапијата, поради што концентрацијата на препаратот била намалена.
Бољевиќ најави дека до крајот на годината терапијата треба да ја примат вкупно 20 пациенти, додека за следната година е планиран третман на уште 100 лица. Покрај меланомот, руските експерти планираат примената да ја прошират и кај одредени видови рак на белите дробови, бубрезите, мочниот меур, панкреасот и дојката, по добивањето на потребните одобренија.
Во однос на можноста вакцината да се произведува во српскиот институт „Торлак“, професорот потврди дека за тоа веќе се разговарало на меѓудржавно ниво.
„Тоа е потпишано на државно ниво, меѓу владите. Се надевам дека може да се направи, но кој ќе го направи тоа од српска страна, не знам, ќе ви кажам веднаш. Треба да видиме кој ќе биде српскиот претставник, за да може да разговара со нашите власти. Веќе бевме во Торлак пред една и две години со нашата група и проценивме дека сето ова е можно. Можно е Белград да стане еден од локалните центри за луѓе кои ќе дојдат во Белград на лекување, а не во Москва“, објасни Бољевиќ.
Тој се осврна и на случајот со српската државјанка Јована Алексиќ, чиј третман бил одложен поради технички и административни процедури, но најави дека таа сигурно ќе пристигне на лекување по Нова Година.
„Таа не ја прими вакцината, треба да дојде по Нова Година. Требаше да биде првата пациентка во светот што ќе ја прими. Но, тука имаше такви подеми и падови што беше многу тешко за странски државјанин. Јас работев лично, а мојата група работеше тоа да се случи што е можно поскоро. Сега, сигурно е, таа доаѓа по Нова Година, ќе ја прими вакцината, ќе ја следиме и неа и се надевам дека ќе биде успешна и дека ќе ја излечиме и неа“, заклучи Бољевиќ.

