Еден од водечките светски експерти за иновации, претприемништво и управување со иновациски процеси, проф. Џон Бесант (John Bessant), денеска ќе одржи предавање на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Бесант е почесен професор на Универзитетот во Ексетер во Велика Британија и автор и коавтор на повеќе значајни академски изданија, меѓу кои и книгите „Managing Innovation“ и „Innovation and Entrepreneurship“, кои се користат како стручна литература во областа на иновациите и претприемништвото.
Со повеќе од 40 години академско и практично искуство, професорот ќе ги претстави современите пристапи во развојот и управувањето со иновациите, како и нивното значење за растот и конкурентноста на компаниите и организациите.
Настанот е наменет за поширока публика и е отворен за студентите, истражувачите, алумни-заедницата на Факултетот, претставниците на бизнис-секторот, како и за сите кои се заинтересирани за претприемништвото и иновативните процеси.
Од Економскиот факултет посочуваат дека гостувањето е дел од нивните активности за зајакнување на соработката со меѓународната академска заедница и поврзување на високото образование со деловниот сектор.

