По долгогодишен период без улично осветлување, десната страна од булеварот на излезот од Струмица кон границата со Бугарија ќе добие ново осветлување. Станува збор за делница во должина од околу еден километар, од „Жито Струмица“ до „Мало стопанство“.
Од Општина Струмица информираат дека активностите за реконструкција веќе се во тек, а целта е да се подобрат условите за движење и да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Во рамки на проектот, постојните канделабри се отстранети и пренесени во комуналното претпријатие, каде што ќе бидат бојадисани. Предвидена е и целосна замена на подземната електрична инсталација.
Во текот на активностите, градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, го посетил ЈПКД „Комуналец“, каде заедно со директорот Кире Синдраковски и директорот на ЈП „Паркиралишта Струмица“, Александар Петровски, извршиле увид во работите.
Од локалната самоуправа посочуваат дека во наредниот период ќе бидат завршени и преостанатите фази од проектот, со што се очекува целосно осветлување на овој дел од булеварот.
Реконструкцијата е дел од активностите за унапредување на комуналната инфраструктура и подобрување на безбедноста во градот.

