Силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд го зафати Белград, предизвикувајќи сериозни проблеми во сообраќајот и поплавување на повеќе улици низ градот.
Големото количество дожд што падна за краток временски период ги претвори дел од градските сообраќајници во вистински реки. На видеоснимките објавени на социјалните мрежи може да се видат автомобили кои едвај се движат низ водата, додека на одредени локации сообраќајот е речиси целосно блокиран.
Меѓу најпогодените локации се Јужниот булевар, Војвоѓанската улица на Нов Белград, Савската улица кај Палатата на правдата и Радничката улица на Чукарица.
Проблеми во одвивањето на сообраќајот се регистрирани и на Булеварот Деспота Стефана, Мириевскиот булевар, како и на други фреквентни сообраќајници низ српската престолнина.
Обилните врнежи предизвикаа големи сообраќајни гужви, а возачите се соочуваат со отежнато движење, намалена видливост и лизгави коловози.
Републичкиот хидрометеоролошки завод претходно предупреди на обилни врнежи проследени со грмежи, како и силен и бурен ветер во текот на попладневните часови.
Од Министерството за внатрешни работи апелираа до возачите да бидат особено внимателни, бидејќи обилните врнежи и силните налети на ветерот го отежнуваат возењето и го зголемуваат ризикот од сообраќајни несреќи.
На граѓаните им се препорачува, доколку немаат неодложна потреба, да ги избегнуваат патувањата додека трае невремето и да користат алтернативни правци.

