Случајот со двојното убиство во Велес повторно ја актуелизира институционалната одговорност и пропустите во заштитата на жртвите кои бараат помош од надлежните служби.
Според информациите, Росица пред трагедијата седум пати пријавувала насилство, напади и вознемирување од поранешниот партнер. Но, и покрај пријавите, на 15 септември 2025 година, тој ја убил Росица и нејзиниот татко во нивниот дом во Велес, а потоа си го одзел животот.
Внатрешната контрола на МВР претходно утврди пропусти во постапувањето на 11 полициски службеници од СВР Велес, против кои беа поднесени кривични пријави и дисциплински постапки, а за дел од нив веќе беа изречени и дисциплински санкции.
Меѓутоа, денеска, 18 ноември, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против девет полициски службеници од Велес за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „неизвршување судска одлука“.
Според обвинението, службениците во периодот од 21 февруари до 15 септември 2025 година не постапувале соодветно по пријавите на Росица за семејно насилство, со што сериозно ги повредиле нејзините права, вклучително и правото на живот.
Од Обвинителството нагласуваат дека полицајците не ги применувале соодветно законските процедури за процена на ризик и за заштита на жртвата. И покрај изречените судски мерки за заштита, тие не постапувале по итните мерки, додека дел од службениците не го известиле надлежниот јавен обвинител за пријавите и доказите ги чувале во полициските простории без да поведат соодветна постапка.

