Осуммесечна затворска казна и парична обврска од 3.300 евра му се изречени на 44-годишниот Игор Дашковски Стојановски, кој ги запали двете дипломатски возила на Бугарската амбасада во Скопје.
Тој беше прогласен за виновен за кривичното дело загрозување лица и објекти под меѓународноправна заштита, откако пред судот ја призна вината, објави 4news.mk. На рочиштето изјавил дека сам донел одлука да ги полие автомобилите со бензин и да ги запали.
Инцидентот се случи на 15 јуни годинава, околу 12:05 часот, пред Амбасадата на Бугарија на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје. Според обвинението, Дашковски Стојановски ги полеал двете дипломатски возила со бензин, ги запалил, а потоа го напуштил местото на настанот.
Тој се наоѓаше во притвор од денот на инцидентот, 15 јуни, а времето поминато во притвор ќе му биде пресметано во изречената затворска казна. Дополнително, тој треба да ја надомести и причинетата материјална штета на амбасадата, која изнесува околу 3.300 евра.

