Автоматско предупредување за земјотрес со првично проценета магнитуда од 6,5 степени ноќеска било испратено преку системот Android Earthquake Alerts, а според предупредувачката мапа, потресот можел да се почувствува во 17 европски земји, меѓу кои и Македонија.
Епицентарот на земјотресот бил лоциран во познатата сеизмичка зона Вранча во Романија. Иако првичната автоматизирана проценка на системот на Android покажала јачина од 6,5 степени, подоцнежните прецизни мерења на сеизмолозите ја коригирале магнитудата на околу 5,6 до 5,7 степени.
Според автоматската мапа за ширење на брановите, освен во Романија и Македонија, потресот бил почувствуван или можел да се почувствува и во Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Турција, Молдавија, Украина, Унгарија, Словачка, Полска, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Русија.
Ова известување било генерирано автоматски од системот за детекција на земјотреси на Android, кој ги користи вградените сензори на мобилните телефони за брзо да регистрира сеизмички движења и навремено да ги предупреди корисниците во погодените региони.

