Хрватска нема да прави компромиси со Србија и Црна Гора во врска со отворените прашања што Загреб ги смета за важни за нивното членство во Европската Унија. Ова го порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, нагласувајќи дека очекува конкретен напредок во разјаснувањето на судбината на исчезнатите лица од војната во Хрватска.
Говорејќи во Вуковар, Пленковиќ истакна дека Загреб очекува новата српска влада да покаже поголема подготвеност за билатерална соработка и решавање на ова прашање. Според него, досегашниот ангажман на српските власти не ги исполнил очекувањата на Хрватска.
„Очекуваме новата влада во Србија сериозно да пристапи во билатералниот дијалог кон проблем во однос на кој досегашните постапки на српските власти не беа на нивото што го очекувавме и баравме“, изјави Пленковиќ.
Тој посочи дека досега се идентификувани посмртните останки на 353 војници и цивили, додека сè уште се трага по 1.725 исчезнати лица.
„За да се заврши овој процес, има луѓе кои знаат каде се масовните гробници и каде се преместени останките“, додаде хрватскиот премиер.
Пленковиќ нагласи дека Хрватска очекува конкретни информации од Белград, посочувајќи дека бројот на исчезнати лица поврзани со војната е значително поголем во случајот со Србија отколку со Црна Гора.
Кога станува збор за Црна Гора, хрватските власти идентификувале 14 лица чии судбини сè уште треба да се разјаснат, поради што очекуваат и од Подгорица да обезбеди релевантни информации.
Премиерот посочи дека ова прашање е поврзано со поглавјето 23 од пристапните преговори со ЕУ, кое се однесува на правосудството и фундаменталните права. Според него, Хрватска нема да отстапи од своите барања во процесот на европска интеграција на двете земји.
И хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, побара поголема соработка од Белград во пронаоѓањето на исчезнатите лица. Тој нагласи дека станува збор за обврска кон семејствата кои со децении чекаат да дознаат што се случило со нивните најблиски.
„Србија мора да продолжи да работи и да соработува за да можеме заеднички да ги пронајдеме исчезнатите лица. Имаме должност кон заедницата, општеството, семејствата и Република Хрватска“, изјави Грлиќ Радман.
Тој додаде дека Хрватска има нерешени прашања и со Црна Гора, меѓу кои се потрагата по 14 исчезнати лица и процесуирањето на воените злосторства, вклучително и оние поврзани со командна одговорност.
„Нема да се согласиме на членство, на затворање на нашите поглавја, доколку овие отворени, вредносно-базирани прашања не се решат“, порача шефот на хрватската дипломатија.
Изјавите беа дадени во Вуковар, на 18 ноември, кога Хрватска ја одбележува годишнината од падот на градот во 1991 година, по тримесечната опсада за време на војната.
Според податоците на болницата во Вуковар, за време на опсадата загинале 1.624 лица, околу 5.000 биле однесени во логори во Србија, а 22.000 Хрвати и припадници на други несрпски етнички групи биле протерани од градот. Повеќе од 300 лица сè уште се водат како исчезнати.
На комеморативните настани во Вуковар присуствуваше целиот хрватски државен врв, предводен од претседателот Зоран Милановиќ. Традиционалната „Колона на сеќавањето“ помина низ градот до Спомен-гробиштата на жртвите од Татковинската војна, а оваа година на нејзино чело беа здравствените работници од тогашната воена болница во Вуковар.

