СДСМ обвинува дека неисполнувањето на обврските за префрлање на пензиските придонеси во вториот пензиски столб ги загрозува идните пензии на стотици илјади граѓани.
Од партијата посочуваат дека заклучно со 31 октомври, според нивните податоци, 51 милион евра од пензиските придонеси не биле префрлени во вториот пензиски столб. Станува збор за средства на околу 650.000 граѓани кои секој месец издвојуваат дел од своите плати за пензиско осигурување.
Од СДСМ нагласуваат дека префрлањето на средствата не е прашање на политичка волја, туку законска обврска на директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Притоа, бараат реакција од Јавното обвинителство.
Опозициската партија предупредува и на состојбата во ПИОМ, тврдејќи дека дефицитот достигнал една милијарда евра, а проблемите се одразуваат и врз функционирањето на вториот пензиски столб.
Во реакцијата, СДСМ ја критикува и економската политика на Владата, обвинувајќи дека нема доволно средства за зголемување на платите, пензиите, минималната плата, поддршка за земјоделците и повисок студентски оброк, додека, според нив, се издвојуваат пари за сомнителни тендери.
Од партијата наведуваат дека во изминатите две години задолжувањето на државата достигнало околу четири милијарди евра, а за 2027 година, според нивните тврдења, се планира ново задолжување од речиси две милијарди евра.
Од СДСМ ваквата состојба ја оценуваат како економски неуспех на Владата предводена од Христијан Мицкоски и бараат одговорност за состојбите со пензиските придонеси и јавните финансии.

