Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираат на последните обвинувања од опозицискaта СДСМ, порачувајќи им прво да се запознаат со институционалните надлежности во државата, особено кога станува збор за банкарскиот сектор. Од партијата обвинуваат дека опозицијата свесно шири паника и манипулира со јавноста.
Во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ се нагласува дека Народната банка и гувернерот се единствените институции кои носат одлуки во рамките на своите законски надлежности за банкарскиот систем, додавајќи дека случајот со „Алта банка“ е „увезен проблем“.
„Во СДС прво треба да научат кој за што е надлежен во државата. Јасно е дека во нивно време немаше линии во поделбата на власта па беа по старото ‘кадија те тужи, кадија те суди’, но еве потсетување дека Народната банка и гувернерот се институцијата која носи одлуки во рамките на своите надлежности за банкарскиот систем“, стои во партиското соопштение.
Од владејачката партија го обвинуваат лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и неговите соработници за креирање искривени перцепции и обиди за политичко профитирање преку ширење страв меѓу граѓаните дека кризата може да се прелее во сите банки.
„Од партијата на Венко сега пак гледаме обиди за создавање на искривени перцепции, дека проблемот можел да се прелее во сите банки, иако од надлежните има транспарентна комуникација и се работи на решение, а гувернерот порача дека граѓаните нема да бидат оштетени“, велат оттаму.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека СДСМ останува симбол за нестабилност и афери, а нивното однесување во врска со чувствителни теми од јавен интерес го оценија како деструктивно и неосновано.

