Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Центар упатија остри критики кон актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, обвинувајќи го за манипулации и самоволие при доделувањето на јубилејните општински награди. Според наводите, Герасимовски ги игнорирал одлуките на стручната комисија и доделил признанија на лица кои не ја добиле потребната поддршка.
Како што истакна Сузан Хасан од ОК Центар на ВМРО-ДПМНЕ, актуелната локална власт ги прекршила воспоставените процедури, правејќи штета на угледот на Општината и на грбот на младите и успешни поединци.
Според партиските обвинувања, наградите не им биле доделени на лицата кои биле изгласани од комисијата – Ана Петковска Николовска за достигнувања во образованието и Марин Поповски за достигнувања во спортот. Наместо нив, како што тврдат од опозицијата, награда добил кандидат кој не го достигнал потребниот праг на гласови.
„На Ана Петковска Николовска, избрана поради достигнувања во воспитувањето и образованието, како и на Марин Поповски, избран за достигнувањата во спортот, градоначалникот Герасимовски не им додели награди, иако комисијата ги избрала за добитници. Ама затоа му додели награда на Тодор Тасевски, кој со 4 гласа од комисијата, за жал, не го достигнал прагот од најмалку 5 гласа“, нагласува Хасан во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ Центар додаваат дека во обид да ја прикрие ситуацијата, градоначалникот на социјалните мрежи дополнително ги преименувал наградите во „50 години Општина Центар“, иако на добитниците им биле врачени статуетки во форма на феникс.
Од партиската горилница порачуваат дека ваквите одлуки не се одобрени од Советот на Општината и дека со нив се нарушува интегритетот на институцијата и на самите кандидати.

