Во Европската Унија од вчера започна примената на нова административна такса од две евра по артикл за сите онлајн-нарачки кои пристигнуваат од земји надвор од Унијата.
Оваа мерка директно ги зголемува трошоците за увоз преку популарните интернет-платформи како Тему, Шеин и АлиЕкспрес, но не подразбира автоматско воведување на истата давачка и за купувачите во Македонија.
Според образложението од Советот на ЕУ, основната намена на новата такса е да ги покрие трошоците за царинските контроли и надзорот над сè поголемиот волумен на мали пратки.
Оваа давачка е одделна од привремената царина од три евра, која е на сила од 1 јули за сите пратки чија вредност е под 150 евра.
Од ЕУ појаснуваат дека двете давачки имаат различна функција: царината има за цел да ги изедначи условите на пазарот меѓу директниот онлајн-увоз и традиционалните трговци, додека административната такса е наменета исклучиво за покривање на трошоците за обработка и проверки на пратките.

