Литванија ги повика жителите на централните и северните делови од земјата утрово да се евакуираат поради појава на неидентификуван летачки објект. Борбени авиони на НАТО беа испратени во воздушниот простор во регионот на Каунас, а тревога беше прогласена и во соседна Латвија.
Литванската војска и Националниот центар за управување со кризи соопштија дека е издадена црвена тревога поради можна закана во воздушниот простор. На граѓаните им е советувано да побараат засолниште, а авионите од мисијата за надзор на НАТО веднаш полетале кон местото каде што бил забележан објектот. Предупредувањето го прекина сообраќајот на аеродромот во Каунас, кој беше повторно отворен по еден час.
Во меѓувреме, Латвија издаде жолто предупредување за одредени гранични региони со Литванија поради „можна закана“, но по еден час предупредувањата во двете земји беа повлечени. Сè уште не е познато за каков тип објект станува збор и од каде потекнува.
Едновремено, полската војска пријави можно нарушување на својот воздушен простор. На југот од регионот Лублин, во близина на границата со Украина, е распоредена екипа за пребарување и спасување за да ја провери областа каде што е можно да паднал неидентификуваниот предмет. Од војската нагласија дека задега нема официјална потврда дека објектот навистина влегол во полскиот воздушен простор.
Предупредувањата доаѓаат по неколку инциденти во кои украински беспилотни летала залутаа во воздушниот простор на членките на НАТО во Балтикот. Украинските власти тврдат дека дроновите отстапуваат од своите траектории поради руско електронско попречување на сигналите, што дополнително ја зголемува загриженоста за прелевање на војната во Украина врз соседните земји.
Новите инциденти се случуваат само еден ден откако романски авиони Ф-16 соборија два беспилотни летала над Црното Море. Според романското Министерство за одбрана, првиот дрон влегол во воздушниот простор во 17:59 часот и бил соборен две минути подоцна на 25 километри југоисточно од Сулина, додека вториот бил соборен во 18:05 часот на 20 километри источно од Сулина.
Романските власти соопштија дека станува збор за млазни напаѓачки дронови од семејството „Геран“, слични на оние што ги користи Русија. Инцидентот следуваше по серија напади со дронови врз трговски бродови во Црното Море, поради што Романија и Бугарија побараа дополнителна поддршка од НАТО за заштита на регионот.

