Романски борбени авиони Ф-16 денеска соборија два дрона кои навлегле во воздушниот простор на Романија, земја-членка на НАТО. Двата дрона се соборени над романските територијални води во Црното Море, објави германскиот весник „Билд“, повикувајќи се на романското Министерство за одбрана.
Според информациите на 4news.mk, романските радари претходно детектирале група воздушни цели на околу 120 километри источно од Змискиот остров во Црното Море, кои се движеле кон југозапад.
Два борбени авиони Ф-16 полетале во 17:43 часот од воздушната база „Борчеа“ за да ги пресретнат леталата. Првиот дрон бил соборен во 18:01 часот, а вториот четири минути подоцна, во 18:05 часот.
Романското Министерство за одбрана потврди дека двете цели биле дронови и дека се уништени над романските територијални води. Засега официјално не е објавено од каде потекнуваат леталата.
Новиот инцидент доаѓа по неколкудневни зголемени тензии во Црното Море, каде што беа забележани напади со дронови врз трговски бродови.
Во четвртокот, агенцијата „Ројтерс“ објави дека најмалку седум морнари се водат како исчезнати по напад со дронови врз два танкера во близина на романскиот брег. Романскиот претседател Никушор Дан ги потврди нападите, но не ја обвини директно Русија, додека извор од НАТО изјави дека употребените дронови биле од руско потекло.
Изминатите денови Романија во повеќе наврати креваше борбени авиони поради појава на неидентификувани летала во близина на границата со Украина.
Според податоците на романското Министерство за одбрана, од почетокот на руската инвазија врз Украина до 15 октомври се забележани 53 неовластени навлегувања во романскиот воздушен простор, при што досега беа соборени четири беспилотни летала. Денешното соборување дополнително ги истакнува безбедносните предизвици на источното крило на Алијансата.

