Жителите од десет населени места во Општина Брвеница денеска гласаат на предвремените локални избори за нов градоначалник. Гласањето следува откако на 23 јуни 2026 година, на 58-годишна возраст, почина дотогашниот прв човек на општината, Јовица Илиевски.
Избирачките места се отворени од 7:00 часот, а гласањето ќе трае до 19:00 часот.
Во Избирачкиот список се запишани вкупно 16.256 гласачи. Од нив, 449 лица се на привремена работа во странство, додека девет избирачи гласаат од затвор или притвор.
За функцијата градоначалник се борат шестмина кандидати – четворица од политички блокови и двајца независни:
- Стојанчо Радически – кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ;
- Јовица Радески – кандидат на коалицијата предводена од СДСМ;
- Јакуп Усеини – кандидат на Коалицијата ВРЕДИ;
- Аркин Јахији – кандидат на Националната алијанса за интеграција (НАИ);
- Душан Богдановски – независен кандидат;
- Арифе Идризи – независна кандидатка.
Според правилата, за кандидат да биде избран во првиот круг, треба да освои мнозинство гласови од оние кои гласале, со услов на изборите да излезат најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи. Доколку овој цензус не се исполни, целата изборна постапка се повторува.
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека првичните резултати добиени по електронски пат ќе ги објавува сукцесивно. Резултатите засновани на записниците од Општинската изборна комисија (ОИК) ќе бидат соопштени во рок од 12 часа по затворањето на гласачките места.
ОИК ги објавува првичните резултати во рок од 7 часа по завршувањето на гласањето, врз основа на податоците од Избирачките одбори, и ги истакнува на огласната табла во општината и во јавните гласила. Конечните резултати ДИК ќе ги објави веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од нивната конечност.
Во изминатите неколку месеци, функцијата вршител на должноста градоначалник на Општина Брвеница ја извршуваше Роберт Милошески.

