Кети Штерјова од редовите на СДСМ на денешната прес-конференција побара итна оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и целосна одговорност за сите вмешани во бегството на Ива Михаилова надвор од државата.
Од партијата истакнуваат дека Михаилова ја напуштила земјата и покрај тоа што судот ѝ ги одзел македонскиот и бугарскиот пасош, посочувајќи дека таа јавно изјавила оти ја минала границата легално со лична карта, додека од МВР тврдат дека нема евидентиран излез.
– МВР вели нема евидентиран излез. Јасно е сè. Граѓаните не се наивни. Гледаат и знаат. Ова е договорено! – вели Штерјова.
Од партијата бараат утврдување на одговорноста за сите кои давале инструкции или пропуштиле да постапат, нагласувајќи дека границата е „решето и за криминалци и за бегалци од правдата“. Исто така, од СДСМ се осврнаа и на други актуелни безбедносни прашања и инциденти во земјата, барајќи целосно расчистување на случајот и преземање одговорност од надлежните институции.

