30-дневен притвор за Давор Мацура, сопственикот на Алта Банка АД Белград. Освен за Мацура, Вишиот суд во Белград притвор определи и за уште две лица, Г.М. и И.П., осомничени за помагање на делото.
Според судот, кај тројцата постојат околности што укажуваат на опасност од влијание врз сведоци и повторување на кривичното дело. Кај Мацура дополнително е утврдена и опасност од бегство.
Обвинителството се сомнева дека Мацура, во периодот до 31 октомври, ги пречекорувал своите овластувања и неовластено изнесувал пари од трезорот на „Алта банка“. Според српското Обвинителство, на тој начин се стекнал со противправна имотна корист од 45 милијарди српски динари, или околу 385 милиони евра.
Г.М., директор на Одделот за трезор и управување со готовина, и И.П., соработник за трезорско работење, се осомничени дека му овозможувале пристап. Обвинителството наведува дека тоа го правеле со предавање картички за влез или со користење на сопствените картички и лично присуство.
По налог на обвинителството, на 31 октомври и 1 ноември биле извршени претреси во просториите на банката и во домот на Мацура. Истовремено бил направен и попис на готовината во трезорот.
Мацура ги негирал сомневањата при сослушувањето пред Јавното обвинителство за организиран криминал. Неговата одбрана тврди дека нема доказ оти неговиот клиент влегувал во сефот или поседувал картички за пристап, оспорувајќи ги наводите од кривичната пријава.

