Дваесет дена по избувнувањето на скандалот со „Алта банка“ во земјава и една недела откако СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други одговорни лица, од јавниот обвинител Ненад Савески сè уште нема одговор, изјави на прес-конференција Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Според Фрчкоски, граѓаните и пензионерите се соочуваат со пречки во пристапот до сопствените средства и пензии, а во јавноста нема информации дали е отворена истрага за „Алта банка“, дали се повикани Славески и премиерот Христијан Мицкоски на распит, како и дали се обезбедени документите за согласноста за влез на банката и проверени сметките и трансакциите.
Тој посочи дека во Србија е покрената истрага, одземена е дозволата, банката е во стечај, сопственикот Мацура е уапсен со истрага за речиси 400 милиони евра, а блокирани се сметките на „Алта груп“ и одземена дозволата на „Алта лизинг“, додека во Македонија, како што рече, сè уште се чека и нема постапување.
Фрчкоски оцени дека Славески и Мицкоски брзаат со продажба на банката, предупредувајќи за можен пад на цената на аукција доколку нема купувач и прашувајќи дали со тоа се прави обид да се обезвредни банката и да се прикријат докази, сметки и трансакции.
„Ако на аукцијата нема купувач, цената ќе паѓа. Прво никој нема да се јави, па на крај ќе ја продадат за џабе. Тоа е моделот. А потоа истата банда ќе го обвини СДСМ и за ниската цена. Познат арамиски манир“, рече Фрчкоски.
Тој побара Савески да го прекине молкот и да постапи независно и по закон, нагласувајќи дека одложувањето може да доведе до прикривање траги и уништување докази, при што додаде: „Ако Мицкоски му врши притисок, по телефон или на кој било друг начин, Савески нека го каже тоа јавно и нека го одбие“.
На крајот од обраќањето, Фрчкоски порача дека институциите мора веднаш да реагираат за заштита на граѓаните и предупреди: „Времето одминува, доколку Савески не постапи ќе стане соучесник, тоа мора да му биде јасно“.

