Два руски воени авиони Ту-95 летале источно од Тајван откако му се приближиле на островот од јужната страна, соопшти тајванското Министерство за одбрана, пренесе Ројтерс. Ова е втор ваков инцидент со руски воени летала што Тајпеј го регистрира во рок од една недела.
Според официјалните податоци од министерството, двата авиони Ту-95, кои во класификацијата на НАТО се означени како „Мечка“, навлегле во тајванската Зона за идентификација на воздушната одбрана (ADIZ). Потоа леталата го продолжиле движењето кон североисток и ја напуштиле зоната во близина на пристанишниот град Килунг.
Слична активност Тајван пријави и во вторникот, кога два руски воени авиони прелетаа кон југ по должината на источниот брег на островот. Тој лет истиот ден го потврди и Јапонија, објавувајќи мапа со точната траекторија на движење. Од руското Министерство за одбрана засега нема коментар за најновиот прелет.
Инцидентот се случува во услови на речиси секојдневни операции на кинеската војска во околината на Тајван. Пекинг го смета островот за дел од својата територија, позиција што ја поддржува и Москва, додека властите во Тајпеј ги отфрлаат таквите претензии и инсистираат дека само народот на Тајван може да одлучува за својата иднина.

