Фондот за здравствено осигурување презел конкретни активности за отстранување на слабостите во безбедноста на својот информациски систем, откако Државниот завод за ревизија ги објави наодите и препораките од конечниот извештај.
Од Фондот информираат дека е изготвен Акциски план со конкретни мерки, одговорни лица и рокови за спроведување на сите препораки.
Меѓу веќе реализираните активности се сегментацијата на мрежата во дата-центарот и назначувањето одговорни лица за контрола на корисничките пристапи.
Во наредниот период се предвидени ажурирање на безбедносните политики, изработка на ИТ-стратегија, проценка на ризиците, модернизација на инфраструктурата и дополнителни безбедносни надградби.
Рокот за реализација на предвидените активности е до 31 декември 2027 година, зависно од сложеноста и техничките и финансиските услови за секоја мерка.
Од ФЗО посочуваат дека информациската безбедност останува приоритет и дека ќе продолжат со спроведување на препораките на Државниот завод за ревизија, како и со редовно информирање на јавноста за напредокот.

