Министерот за правда Јетон Шасивари на Втората глобална министерска конференција за елиминирање на насилството врз децата, која се одржува во Манила, Филипини, ги претстави мерките и заложбите на Владата за подобра заштита на децата од сите форми на насилство.
Меѓу главните приоритети што ги посочи се законска забрана на браковите пред навршување 18 години, зајакнување на заштитата од физичко и дигитално насилство и воспоставување специјализирани услуги за децата жртви на насилство.
Шасивари најави и засилени мерки за спречување насилство во училиштата, како и формирање функционални меѓусекторски тимови во сите центри за социјална работа, кои ќе работат на навремено препознавање на ризиците и обезбедување поддршка за децата.
Меѓу планираните активности се и воспоставување единствен систем за собирање и обработка на податоци, како и подобрување на механизмите за заштита на децата кои доаѓаат во контакт со правосудниот систем.
Во своето обраќање, министерот истакнал дека меѓународните заложби мора да се преточат во конкретни законски решенија и функционални институции.
Тој порачал дека ниту едно дете не смее да остане незаштитено и дека заштитата од насилство е не само законска обврска, туку и морална и државна одговорност, информираат од Министерството за правда.

