Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на конференцијата „Security in the Western Balkans“, што се одржа во Скопје, во организација на Aspen Institute Germany во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во своето обраќање, Муцунски истакна дека во услови на актуелните геополитички промени, безбедноста на Западен Балкан е тесно поврзана со безбедноста и стабилноста на Европа.
Тој ја потврди стратешката определба на државата за членство во Европската Унија, посочувајќи дека Македонија е членка на НАТО и целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Според Муцунски, проширувањето на Унијата не е само процес на интеграција, туку и стратешка инвестиција во побезбедна и постабилна Европа.
Тој нагласи дека земјите од Западен Балкан треба да придонесуваат кон колективната безбедност и отпорност на Европа, а за тоа се неопходни политичка одговорност и посилна регионална соработка.
Муцунски порача дека безбедноста на една држава не може да се разгледува одвоено од безбедноста на нејзините соседи.

