Украина располага со само една десеттина од пресретнувачките ракети што ѝ се итно потребни од Соединетите Американски Држави за да ги спречи сè поинтензивните руски напади со балистички ракети, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Тој посочи дека секојдневно води бројни телефонски повици и доверливи разговори со сојузниците за да обезбеди дополнителни залихи за противвоздушна одбрана.

Оваа година имаме два и пол пати помалку пресретнувачи отколку што имавме во 2025 година. Русија има двојно повеќе балистички ракети месечно отколку порано – истакна Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен.

Украинскиот претседател додаде дека доколку САД ѝ продадат на Украина пет проценти од своите залихи, тие би можеле „да ја преживеат зимата и да спасат животи“, додека со 10 проценти би можеле „да ги уништат сите руски балистички ракети“.

Во однос на соработката со новата американска администрација, Зеленски рече дека сè уште постојат сомнежи околу спроведувањето на обврската на американскиот претседател Доналд Трамп за производство на сопствени пресретнувачки ракети „Патриот“. Тој потврди дека разговарал и со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, но одби да ги коментира медиумските пишувања за барањата да се запрат нападите врз руските пристаништа на Црното Море.

Зеленски нагласи дека Киев поднел нови предлози во рамките на мировниот процес, но посочи дека е потребно поголемо ангажирање од американска страна.

Е потребно поголемо ангажирање на американската страна во мировниот план. Благодарен сум на тимот на претседателот Трамп што сака да продолжи. (Рускиот претседател Владимир) Путин не сака да ја заврши оваа војна сега и во моментов нема доволен притисок врз него – рече Зеленски.

Украинскиот лидер ја отфрли можноста за отстапување територии во Донбас и предупреди дека безбедносните гаранции остануваат клучни, додавајќи дека Путин би можел да ја прошири војната и кон помалите членки на НАТО.

Тој не знае како да ја заврши оваа војна без голема окупација или голема победа за неговото општество. Полесно му е да најде некоја помала земја, нема да му биде важно дали таа земја е во НАТО или не. Тој сака брза победа, 100% сигурност дека ќе победи, окупира, уништи или контролира – заклучи Зеленски.

Exit mobile version